По повеќе од 15 години запуштеност, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција. Објектот веќе активно се користи за проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
За целосната обнова биле вложени околу 5,7 милиони денари, при што градежните работи биле завршени за неполни три месеци, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на работната посета на Академијата.
Базенот повеќе од деценија и пол бил целосно надвор од употреба, поради што цели генерации на полициски службеници воопшто немале можност да го користат за практична обука и професионално усовршување. По сеопфатната реконструкција, капацитетот повторно служи за специјализирана полициска обука и физичка подготовка на припадниците на Министерството за внатрешни работи.
„Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност“, истакна Тошковски.
При обиколката на комплексот на Полициската академија, министерот изврши увид во функционалноста на обновениот простор, каде што се одвиваше тестирањето на пливачките вештини на пријавените кандидати за специјалната единица „Тигар“.
Според надлежните најави, базенот ќе има повеќенаменска примена. Просторот ќе биде наменет за редовна обука на идните полициски кадри, специјализирани тренинзи на посебните единици, спасувачки тактички вежби и континуирано одржување на кондицијата на полицајците, со што се унапредува оперативната подготвеност на службата.
Овој објект зазема значајно место и во македонската кинематографија. Во 1977 година токму во овој базен беа снимани сцените за познатиот македонски игран филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од историскиот маратонски подвиг на пливачката Атина Бојаџи.
Реконструкцијата на пливачкиот комплекс претставува дел од поширокиот инвестициски циклус насочен кон модернизација на македонската полиција и подобрување на стандардите за тренинг на терен.
Во изминатиот период темелно беше обновен комплексот на Академијата во Идризово, повторно започна со работа Средното полициско училиште и беа набавени нови службени полициски возила. Наскоро се очекува испорака на нови полициски униформи, кои ќе бидат целосно ребрендирани според највисоки стандарди за квалитет.
„Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија“, порача Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи најавија продолжување на капиталните вложувања во инфраструктурата, опремата и условите за работа, со цел трајно зајакнување на капацитетите на безбедносниот систем.
