Загадувањето од пепел предизвика загриженост, институциите во акција
Токсичната пепел од РЕК Битола повторно го привлече вниманието на јавноста, откако ветерот ја рашири во околината. Иако требало да биде безбедно складирана во специјални касети и покриена со земја. Граѓаните од пелагонискиот регион, вознемирени од опасноста, започнаа да споделуваат видеа и фотографии на социјалните мрежи. Така ја алармираа јавноста.
Обвинителството реагира: започната предистражна постапка
Основното јавно обвинителство Битола веќе отвори предмет за токсичната пепел, по што по налог на обвинителите беа извршени вонредни инспекции од страна на Инспекторатот за животна средина. Иако засега не се споделуваат детали од утврденото, бидејќи предметот е во предистражна фаза, институциите потврдуваат дека се прибираат документи и извештаи кои ќе бидат доставени до Обвинителството за натамошна проценка за евентуално кривично гонење.
Инспекциски наоди: евидентирани недостатоци, дадени рокови
Од Обвинителството информираат дека при надзорот биле утврдени одредени недостатоци во мерките за спречување на емисија на прашина и пепел на депонијата. Поради тоа, РЕК Битола доби наредба во рок од 30 дена да ги отстрани пропустите и да достави резултати од мерење на амбиенталниот воздух на локацијата.
Активистите предупредуваат: ова е децениски проблем
Еко-активистите од Битола реагираат остро. Велат дека загадувањето од токсичната пепел трае со години, а институциите постојано “прогледуваат низ прсти”. Според нив, начинот на кој се третира пепелта е под сите еколошки стандарди, а здравјето на населението е сериозно загрозено.
РЕК Битола започна активности
Во меѓувреме, РЕК Битола започна со активности за отстранување на несоодветно складираната пепел, а до крајот на април има обврска да изврши мерење на амбиенталниот воздух на самата депонија. Институциите најавуваат дополнителни инспекции по истекот на дадениот рок.
Извор: Сител ТВ