Со изведување на материјални докази од Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште, Обвинителството презентираше докази поврзани со објектот, неговата сопственост и движењето на имотот, односно целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на просторот каде што се наоѓала дискотеката.
Беа изведени документи за правниот статус на објектот согласно урбанистички планови и геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за дел од бесправно изграден објект, како и записници од извршени надзори, договор за закуп и други службени акти.
Презентирани беа и фотографии од внатрешноста на дискотеката по реновирањето, обезбедени од вештачење на мобилен телефон на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителството посочи дека не постои официјална документација.
Во делот од доказите поврзани со Општина Кочани, беа изведени записници од вонредни инспекциски надзори во кои се утврдени неправилности – меѓу кои користење на објектот за угостителска дејност без одобрение за пренамена, иако бил предвиден за лесна индустрија.
Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и побара тие да не бидат изведени, доведувајќи ја во прашање нивната законитост.
Обвинителството презентираше и записници за пронајдени и одземени предмети по пожарот, меѓу кои лични документи, лаптопи, каса со пари, како и други материјали, вклучително и билети за влез, договори и осигурителна документација.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
