При вршење на кривично дело се одземаат сите предмети и возила, па оттаму за полицијата е несфатливо кога запленувале цариниците во 2016 година, зошто не ја испразниле целата заплена од возилото.
Случајот, велат во МВР, е даден на Јавното обвинителство.
– Во текот на вчерашниот ден, вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто-паркот на МВР, кое МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот. Ова возило било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016-та година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена под седиштата. Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била сокриена во автомобилот, односно останала од 2016-та година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврди и албанското Јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, соопшти вчера МВР.
За целиот случај, вели МВР, известено е и нашето Обвинителство, за натамошно постапување и расчистување на случајот.