Забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, од денеска наместо од 20:00 ќе важи од 21:00 до 5:00 часот наредниот ден.
Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови од 1 мај до 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, како и вечерта на 13 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот после што ќе бидат затворени за посетители.
Оние компании од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.
Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои ќе продолжат да работат како и до сега.
Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протокол за отворање и работа на кафетериите, Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД-19.
Почнувајќи од денеска престанува да важи забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Согласно препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Исклучок од оваа забрана се оние компании од овие дејности кои можат работата да ја организираат на отворено со примена на мерките за лична заштита. Новите мерки важат до 15 мај.