Од двоцифрена инфлација до стабилизација и раст
По една година раководење со државата, ВМРО-ДПМНЕ испрати порака до јавноста дека економијата останува главниот приоритет на Владата, нагласувајќи дека во изминатиот период се работело со „грижа за сите граѓани“ и со фокус на „економска визија базирана на факти, докази и долгорочно планирање“.
„Од економија што пропаѓаше за време на СДСМ и ДУИ, со нашето преземање на власта економијата почна да се опоравува и се стабилизира“, порачуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека инфлацијата, која претходно беше двоцифрена, сега е ставена под контрола и изнесува околу 3 проценти. Овој пад, како што велат, е резултат на спроведени мерки, проекти и „јасна економска визија“.
Поддршка за компании и општини, раст на БДП и рекордни странски инвестиции
„Обезбедени се 500 милиони евра за поддршка – 250 милиони евра за компании за спроведување на инвестициски циклус, и уште 250 милиони евра за општините за капитални проекти кои го подобруваат животот на граѓаните“, информираат од владејачката партија.
Како потврда за успешните политики, го истакнуваат растот на БДП од 3,2% во првиот квартал од 2025 година, што ја позиционира Македонија на четвртото место во Европа според економскиот раст, веднаш зад Ирска, Данска и Полска.
„Имаме рекордно ниво на странски инвестиции – дури 1 милијарда и 255 милиони евра. Платите растат, особено во јавниот сектор – администрацијата, здравството, образованието и полицијата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Намалување на јавниот долг и царинските давачки
Од Владата велат дека е целосно отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра. Исто така, јавниот долг, според нив, за првпат по седум години е намален – за 4,7 процентни поени од БДП или 36 милиони евра до март 2025.
„Буџетскиот дефицит исто така е намален за 4% од БДП. Со тоа ја покажуваме нашата решеност за фискална дисциплина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен тоа, Владата ги намалила и царинските стапки за 67 суровини и репроматеријали кои се користат во домашната индустрија, а воедно го либерализирала увозот на стоки со потекло од САД.
„Продолжуваме да градиме економија која ќе донесе поквалитетен живот за сите граѓани. Ги поставуваме темелите на новите промени. Доаѓа времето на Македонија“, порачуваат од партијата.