Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, оцени дека автопатот Охрид–Кичево е еден од најголемите инфраструктурни проблеми што ги наследила актуелната власт, посочувајќи дека за неговата изградба во јавноста се зборува како за проект кој трае повеќе од 12 години.

Николоски рече дека, иако автопатот формално се гради 12 години, реалните градежни активности, според него, траеле околу четири и пол години, додека во речиси осум години немало значителни активности.

„Огромни проблеми наследивме, за жал дел од нив сè уште ги решаваме. Најголемиот проблем кој го наследивме е автопатот Охрид–Кичево, за тоа ќе одржам посебна прес-конференција“, рече Николоски.

Тој посочи дека кога актуелната власт била избрана во 2024 година, на автопатот немало поставено ниту еден метар асфалт.

„Во јавност се зборува дека автопатот се гради преку 12 години. Во суштина автопатот се гради четири и пол години. Во останатите скоро осум години скоро никакви активности немало, нула. Кога бевме избрани во 2024 година, нула метри асфалт имаше поставено на автопатот“, рече Николоски.

Според него, првото асфалтирање било реализирано во зимата 2024 година, со примена на технологии кои овозможуваат асфалтирање и во зимски услови.

Николоски во интервјуто се осврна и на состојбата со железничкиот сообраќај, при што посочи дека денес се анализира точноста на возовите, додека пред две години, според него, земјата немала доволно возови и локомотиви за да може да се зборува за редовност на железничкиот сообраќај.

„За железница зборуваме, некои ваши колеги воведуваат швајцарско-јапонски систем, па се бројат минутите во кои што возовите стигнуваат. Супер, јас сум за тоа, ама да се вратиме две години наназад каде што Македонија немаше возови, локомотиви“, рече Николоски.

Тој посочи дека градскиот воз вообичаено не доцни, но додаде дека во изминатиот период имало ситуации предизвикани од околности врз кои железницата немала влијание. Како примери ги наведе пожарот на пругата меѓу Битола и Прилеп, како и големото невреме во Скопје поради кое, од безбедносни причини, бил исклучен дел од електроенергетската мрежа.

„Градскиот воз не доцни ни минута, па има пожар на пруга што е виша сила помеѓу Битола и Прилеп, па имаше најголемо невреме во Скопје, ЕВН реши пола град да го исклучи од струја од безбедносни причини, затоа тој воз застана на 25 минути и тоа се коментираше“, рече Николоски.

Вицепремиерот се осврна и на условите во кои работеле машиновозачите и железничките претпријатија, посочувајќи дека пред две години немало услови за нормално функционирање на системот.

„Наеднаш научија дека тестови има за машиновозачи, никој претходно не знаеше дека машиновозач има во државава. Претходно немаше што да се зборува, не тргаше. Машиновозачите немаше што да возат, плата не можеше да се подели во железничките претпријатија“, рече тој.

Николоски рече дека меѓу првите задачи со кои се соочил како министер било обезбедувањето средства за исплата на плати во повеќе јавни претпријатија.

„Прво што се занимавав како министер беше да обезбедиме плата за пошта, за железница транспорт, за железница инфраструктура, за јавното претпријатие кое се занимава со регулирање на железничкиот сообраќај и поштенски. Овие беа првите предизвици со кои јас се соочив, плата немаа луѓето со месеци“, изјави Николоски.

Тој оцени дека токму затоа, според него, дел од темите за кои денес се дискутира во железничкиот сообраќај пред две години биле тешко замисливи.

Во интервјуто Николоски се осврна и на градскиот железнички превоз во Скопје, посочувајќи дека актуелната власт го исполнила ветувањето за негово воведување од 1 септември 2026 година.

„Фер е некој да рече дека за две години ние имаме градски воз, во кој никој не веруваше ни во опозиција, ни поголем дел од јавноста. Ветивме дека ќе пуштиме на 1 септември 2026 година и тогаш почна“, рече Николоски.

Тој информираше дека во моментов завршува проектирањето на уште две траси, по што во следните неколку недели се очекува да бидат објавени тендерите.

„Во моментов завршува проектирањето на двете траси, за неколку недели ќе излезат тендерите. Штом избереме изведувач, почнуваме со градба и, како што ветивме, на почеток на 2028 година ќе имаме уште две траси со што цело Скопје ќе го опфатиме“, најави Николоски.

Според него, веќе постои интерес кај граѓаните за користење на градскиот воз. Тој посочи дека во моментов има околу 300 патници дневно.

„Има интерес, веќе сме на околу 300 патници дневно. Тоа се 300 возила помалку во центарот на градот, тоа е помалку загадување, затоа што возовите се електрични“, рече Николоски.

Тој додаде дека во оваа фаза осум линии се доволни за потребите на градскиот железнички превоз во Скопје.