Голем одмор, сендвичи од киоск и пет средношколци кои вечерта завршуваат во болница – ова е причината за интервенција на АХВ.
Мајката на еден од учениците, која сака да остане анонимна, вели:
„Детето првите симптоми ги доби неколку часа по консумирањето на храната и се сомневам во квалитетот на месото или компирите.“
Нејзиното дете во болницата е хоспитализирано во петокот. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) претпладнево излегоа со соопштение – по добиена пријава од Центарот за јавно здравје – Штип, инспектори извршиле надзор во сендвичарата.
„Земени се примероци од инкриминиранта храна за лабораториско испитување и брисеви од работните површини… По наредба на инспекциските служби на АХВ, сендвичарата е времено затворена со до добивање на резултатите од лабораториските испитувања, со што ќе се потврди нејзината безбедност,“ се наведува во соопштението на АХВ.
Мајката испраќа и порака до институциите:
„Јас апелирам храната што е оставена по магацините да се контролира и да се продава хигиенски исправна – храната и на сендвичарите и на рестораните, каде што се служат децата со храна. Да нема контамирана храна и од магацините да се води сметка како се продава, а и како се обработува во рестораните и сендвичарите.“
Среќа во несреќа, учениците се во добра здравствена состојба, откако добиле лекарска помош. Но приказната отвори прашање што не смее да остане без одговор: колку е безбедна храната што секојдневно ја купуваат нашите деца?