Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека очекува в среда (21 октомври) да почне вакцинацијата против сезонски грип и ќе му биде задоволство да биде вакциниран како пациент од ризична група.

Клековски посочи дека Комисијата за имунизација денеска одржала состанок и ги одредила приоритетите.

– Во основа со 1.000 вакцинации дневно ќе стасаме до 15 ноември, кога ќе пристигне втората количина. Приоритет прво имаат возрасните над 65 години згрижени во институции, заради институцискиот карактер и поголемиот ризик за епидемија во микро-услови. И другите ризични групи ќе бидат опфатени според проценката на Комисијата. Значи, во основа сите активности што се организирани во минатото ќе бидат организирани и сега. Нема да има никаква отстапка во начинот на работа и методологијата – рече Клековски.