EES – дигитална евиденција за влез и излез од Европската Унија
Од недела, 12 октомври, почнува постепената примена на новиот европски систем за влез и излез (EES), кој целосно ќе се имплементира до април 2026 година. Оваа реформа претставува една од најголемите промени во управувањето со границите на Европската Унија, заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци – фотографија и отпечатоци од прсти – како и точни записи за датумите на влез и излез.
Кого го опфаќа новиот систем и каде ќе важи
EES важи за сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или на Шенген зоната, а кои патуваат за краток престој до 90 дена во рамки на 180 дена. Тоа ги вклучува и патниците кои не им е потребна виза, како и оние кои патуваат со краткорочна виза.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната нема да подлежат на овој систем.
Системот ќе функционира на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Цели и функционирање на EES системот
Европската Унија со воведувањето на EES има за цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами, да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција, како и да овозможи побрзи и поефикасни гранични проверки.
При првото патување, патниците ќе треба да поминат низ целосна регистрација – фотографирање, скенирање на отпечатоци и внесување на податоци од пасошот. За полесна процедура ќе бидат поставени пунктови за самопослужување, а можно ќе биде и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза, бидејќи податоците ќе бидат зачувани во системот.
Преоден период и заштита на податоците
Во преодниот период од октомври 2025 до април 2026 година, системот ќе се применува по фази, што значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошот. Од 10 април 2026 година, печатите целосно ќе бидат заменети со дигитални записи.
Сите собрани податоци ќе се чуваат според строгите европски стандарди и регулативата за заштита на лични податоци (GDPR), со што се гарантира приватност и транспарентна обработка.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните кои патуваат во земјите на Шенген зоната навремено да се информираат за новите процедури, со цел да избегнат доцнења и непријатности при патување.