Институциите ја објавија агендата за денешното чевствување, според која оваа година премиерот Зоран Заев ќе одржи говор во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Скопје, а претседателот на државата Стево Пендаровски ќе присустува на манифестацијата во Крушево, но како што најави нема да одржи политички говор и подоцна во текот на денот во Крушево ги повика да присустуваат претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни политички партии.

Шефот на државата во петокот на брифинг со новинари напомена дека ќе направи обид за едно поинакво празнување на Илинден, што го означи како обид за обединување. Најави дека на централната манифестација во Крушево во 18 часот ги поканил претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни партии. Истакна дека оваа година нема да одржи политички говор на Мечкин Камен, туку ќе има кусо видео-обраќање по повод Денот на Републиката. Според шефот на државата она што досега се случувало во Крушево е повеќе разединување отколку обединување, следејќи ја целата досегашната пракса на прослава на државниот празник.

Поканата ja прифатија претставниците на државниот врв, меѓу нив Заев, кој заедно со министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Пелинце ќе заминат за Крушево. Поканата ја прифатил и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да замине за Крушево, туку најави дека традиционално 2 Август ќе го помине во населеното место Ташмаруништа, во близина на Струга.

Новиот концепт на прослава на Илинден инициран од претседателот Пендаровски, тој го нараче импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ, кој според Крушевскиот манифест, вели, е и празник на нашите сограѓани без разлика на етничката припадност.

Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август ќе започне во 18 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата на Република  Македонија и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена.

– Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави вчера Мицкоски.

Шефот на државата вчера со писмено соопштение изреагира на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во кое наведе дека е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“.

Во Крушево сепак ќе има делегација на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе биде предводена од потпретседателот на партијата Александар Николоски, но таа нема да присустува на централното случување кое е закажано за 18 часот. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево во 11:30 часот ќе положат цвеќе на гробот на Никола Карев, а потоа во 12:15 часот ќе положат цвеќе на споменикот на месноста „Слива“.

Одбележувањето на празникот ќе почне со настаните во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 9:00 часот. Собраниската делегација, која ќе ја предводи Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието и со празнична културно-уметничка програма. Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Делегацијата ќе ја предводи Заев, придружуван од Груби, Николовски, Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.