Одбраната на Јордан Камчев предводена од адвокатот Тони Менкиновски ги објави деталите од жалбата поднесена до Апелационен суд за одредениот притвор за случајот „Плацеви на Водно“ врз основа на белешка од Агенцијата за национална безбедност. Во прилог го пренесуваме целосното соопштение.
„Како одбрана на г-динот Камчев веќе информиравме за директното кршење на основните човекови права при неговото лишување од слобода, а потоа и со целосно незаконската мерка притвор која беше изречена.
И покрај тоа што и јавноста и ние лично сме сведоци на крајно незаконски процес Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција предложи продолжување на мерката притвор за 30 дена што беше прифатено од страна на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје кој донесе решение за нови 30 дена притвор за Јордан Камчев. Против тоа решение одбраната поднесе жалба до Апелационен Суд, Скопје.
Јавно прашуваме дали изрекувањето на оваа скандалозна одлука за продолжување на притворот е само дополнување и проширување на тортурата која во првите 10 денови се вршеше врз г-динот Јордан Камчев во затворската институција, а која по увидот ја потврди и народниот правобранител? Само сега со злоупотреба на други институции и други средства?
Имено, до сега во изрекувањето на првата мерка притвор и судијата на претходна постапка и Јавниот обвинител работеле комплетно несовесно и незаконски и ја изрекле најстрогата мерка притвор, притоа непрезентирајќи докази на одбраната, односно, непрезентирајќи ја фамозната белешка, Информацијата од АНБ на РСМ СД бр.02-545/1 од 14 март 2021 година, која не само што не е презентирана туку дури и во случај истата да постои е незаконита како доказ.
Минатата недела, по ист скандалозен основ, Кривичниот совет го прифаќа предлогот на ЈО и изрекува нови 30 дена притвор.
Меѓу останатото, како Одбрана на осомничениот Јордан Камчев во жалбата што е доставена до Апелационен Суд ПОВТОРНО НАГЛАСУВАМЕ:
1. На одбраната на осомничениот Г-дин Камчев до овој момент СЕ УШТЕ не и е дадена можност да направи увид во фактички ИСТИОТ доказен материјал на „ОЈОГОКК-Скопје” што сега е наведен во текстот на образложението на обжаленото првостепено судско решение, а сега и второстепено судско решение, со цел одбраната да се запознае со содржината на истиот. Со ова, повторно флагрантно е повреден чл. 5 од ЗКП4 од страна на „ОЈОГОКК-Скопје” со чинот на донесувањето на својот Предлог за продолжување на мерката притвор спрема осомничениот Г-дин Јордан Камчев.
Во овој контекст, истовремено, сакаме да потсетиме дека, ИСТИТЕ докази кои сега биле доставени кон Предлогот на „ОЈОГОКК-Скопје” за продолжување на мерката притвор против Г-динот Камчев се видно спротивни на член 12 од ЗКП и на член 110 од Законот за јавното обвинителство.
ВИДНО ПРОТИВПРАВНО е заснован Предлогот за продолжување на мерката притвор против Г-динот Камчев, како и посебно на ФАМОЗНАТА Информација (заведена под СД бр. 02-545/1 од 14.03.2021 г.) на АНБ која Информација и овој пат фактички претставува единствениот доказ врз чија основа „ОЈОГОКК-Скопје” СЕГА го засновал и својот овде наведен Предлог за продолжување на мерката притвор против осоничениот жалител Г-динот Јордан Камчев.
2. Во решението Јавниот обвинител се повикува на потреба за продолжување на притворот дополнително и за постапка, која се води за случајот “Империја”, а за која патем водат неразумно долга и надвор од законските рокови истрага од повеќе од 36 месеци, и постапка за која што веќе г-динот Камчев бил во притвор. Во таа насока во наведениов случај имаме повреда на членот 7 Забрана за двојно судење или казнување според кој – „ Никој не може повторно да биде суден или казнет за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
3. Во решението скандалозно Јавниот Обвинител како една од причините за можно бегство наведува дека осомничениот поседува две патни исправи. Ја потсетуваме дека двете патни исправи се веќе депонирани во судот и за истото веќе имаме доставено и докази. Во меѓувреме, додека осомничениот поседуваше времена патна исправа од 6 месеци, осомничениот ја искористил истата повеќе од 60 пати за влез и излез во државата. Овој факт покажува дека осомничениот воопшто немал никаква намера да бега бидејќи доколку сакал, можел и ќе ја искористел шансата додека ја поседувал и користел времената патна исправа.
4. При нашето инсистирање да ни се достави на увид фамозната белешка од АНБ на РСМ СД бр.02-545/1 од 14 март 2021 година, една од причините за истото не е само да изградиме издржана одбрана туку и да докажеме дека во оваа држава срамно, ВРЗ ОСНОВА НА УСНИ БЕЛЕШКИ ОД ДОУШНИЦИ на тајните служби се руши репутацијата и угледот на граѓаните.
Повторуваме дека во Решението на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, Судот ја образложува наводната содржина во незаконитиот доказ Информација СД бр. 545/1 од 14ти Март 2021 година,- „Осомничениот во периодот од 12ти Февруари до 14ти Февруари 2021 година остварил средба со лице припадник на странска служба за безбедност од Р.Бугарија, со која служба осомничениот веќе соработувал и се претпоставувало дека ќе има подршка во бегството од Р.С Македонија во Р.Бугарија”
Ваквата интерпретација на судот е срамна и навредлива за г-дин Јордан Камчев. Г-динот Јордан Камчев е Македонски бизнисмен кој целокупониот свој капитал го има во РС Македонија и директно вработуа над 3000 луѓе, во буџетот на РСМ по однос на различни даноци и придонеси годишно исплаќа 18.500.000 милиони евра, додека по основ на плати за вработени преку своите компании исплаќа бруто вредност од 30.200.000 милиони евра и НИКОГАШ НИТУ БИЛ НИТУ ИМАЛ НАМЕРА ДА БИДЕ СОРАБОТНИК НА БИЛО КАКВА СТРАНСКА СЛУЖБА.
Ја известуваме јавноста дека пред Републичкиот Совет поднесовме претставка за несовесно и нестручно работење на Судија на претходна постапка како и на судиите од Кривичен Совет кои одлучуваа и изрекоа мерка притвор и по втор пат, повторно без презентирање на докази. Денеска ја информираме јавноста дека за нивното работење поднесуваме и кривични пријави.
Воедно поднесовме барање до ЈО за изземање на обвинителката Лиле Стефанова која првенствено нема ниту стварна ниту месна надлежност за случајот и е компромитирана како обвинител кој беше дел од СЈО кога се потврди случајот ,,Рекет’’. За неа се поднесени кривични пријави од страна на Јордан Камчев во врска со нејзино незаконско постапување во предметот ,, Империја’’, а невозможно е да остане незабележан личниот анимозитет и непрофесионален однос кон г-дин Јордан Камчев, кој во нејзините јавни излагања досега, се нема ни обидено да го прикрие.
Дополнително на тоа, уште еден доказ за пристрасно, незаконско, скандалозно и тендециозно судење е и тоа што во предлогот на Обвинителката за продолжување на притворот навела десетици фирми во странство и оф-шор компании тврдејќи дека се во сопственост на г-дин Јордан Камчев што е ноторна лага и за истото до судот се доставени докази.
Истовремено, обвинителката тврдела и дека г-дин Јордан Камчев поседува и стан во Бугарија што исто така е ноторна лага и истото е опфатено во жалбата која ја доставува одбраната на г-дин Камчев.
Сведоци сме дека лица осомничени за злоупотреба на стотици илјади евра државни пари им е изречена мерка домашен притвор, а на човек кој вработува над 3000 лица и во буџетот на РСМ годишно исплаќа 18.500.000 милиони евра даноци, по основ на НЕПРЕЗЕНТИРАН ДОКАЗ, БЕЛЕШКА ОД ТАЈНА СЛУЖБА, изготвена, по наши информации врз основа на УСМЕН исказ на доушник, му се изрекуваат дополнителни 30 дена ефективен притвор.
Пред целата јавноста апелираме до институциите и искрено се надеваме дека ќе престане оваа злоупотреба на тајните служби за местенки на граѓаните на оваа земја и дека институциите кои работат во служба на сите граѓани ќе почнат да постапуваат непристрано и совесно, согласно нивниот професионален интегритет“, гласи соопштението на одбраната.