Одбројувањето како современ ритуал
Одбројувањето од 10 до нула во пресрет на Новата година создава чувство дека сите заедно влегуваме во нов почеток, објаснува професорот по културно наследство Марк Јакобс од Универзитетот во Антверпен.
– Одбројувањето до Нова година се чини како древна традиција, но тоа всушност е прилично неодамнешен обичај. Повеќе од 2.000 години се одбројувале денови, додека одбројувањето секунди датира од 50-тите или 60-тите години на минатиот век, а можеби дури и подоцна, изјави Јакобс за белгиското државно Радио 1.
Медиумите помогнале традицијата да се прошири.
– Преку телевизија и радио сите можат да одбројуваат истовремено, што создава споделен момент на поврзување, додава Јакобс.
Глобалниот симбол – „Тајмс Сквер“
Праксата на одбројување се проширила и благодарение на „Тајмс Сквер“ во Њујорк, каде традиционално се спушта голема топка на полноќ.
– Тоа стана меѓународен симбол на Новата година. Идејата дека сите истовремено бројат заедно го зајакнува чувството на заедништво, вели професорот.
Јакобс објаснува дека тоа е класичен обред на премин од една фаза во друга:
– Се збогуваме со старата година и ја дочекуваме новата. Во таа преодна фаза, границите привремено исчезнуваат. Одеднаш ви е дозволено да бакнувате странци, улогите се менуваат и има многу бучава. Тоа е краток момент кога сите се чувствуваат рамноправни.
Историја и современи обичаи
Почетокот на годината не бил универзално утврден.
– Во минатото, годината почнувала на различни датуми. За Римјаните, тоа било 1 или 25 март, понекогаш дури и на Велигден. Јулиј Цезар со Јулијанскиот календар воспоставил 1 јануари како почеток на годината, истакна Јакобс.
Доаѓањето на Новата година се прославувало и во минатото.
– Од 19-от век започнале собири каде луѓето подготвувале храна или правеле бучава. Штом се сметало дека е околу полноќ, започнувале свеченостите. Луѓето едноставно едвај чекале да слават, нагласува професорот.
И денес желбата за празнична прослава е видлива.
– Луѓето слават со пријателите и ноќта пред Бадник. На 24 декември некои излегуваат на вечера, други на полноќна миса, а некои само да се напијат нешто. Поголема прослава следи на самиот Божиќ. За Нова година, огнометите често се палат уште во 22 или 23 часот. Можеби терминот не е точен според часовникот, но го продолжува празничното чувство, заклучи Јакобс.
