Одложено гласање за царинскиот договор ЕУ–САД по одлука на комитетот
Европскиот парламент го одложи гласањето за спроведување на царинскиот договор ЕУ–САД, соопшти претседателот на парламентарниот комитет за меѓународна трговија Бернд Ланге. Одлуката следува по консултации меѓу европратениците и во услови на неизвесност околу примената на договорот.
Ланге изјави дека парламентот очекува јасен сигнал од американската страна.
„Сакаме да добиеме јасна порака од САД дека тие го почитуваат договорот“, рече Ланге по консултациите со други пратеници на ЕУ, пренесе ДПА.
Минатото лето, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп се договорија за максимална царина од 15 отсто за најголемиот дел од увозот на производи од ЕУ во САД.
Иако тогаш беше изработен правно обврзувачки договор со САД, документот сè уште треба да добие одобрување од Европскиот парламент.
Одлуката на Врховниот суд и новите царини на Трамп
Во меѓувреме, Врховниот суд на САД во петокот донесе пресуда што има значајно влијание врз трговската политика на Доналд Трамп. Судот оцени дека правната основа користена за голем дел од царините воведени кон речиси сите трговски партнери на земјата е неоправдана, потсетува ДПА.
По оваа одлука, Трамп во петокот најави царини од 10 отсто за сите производи што се увезуваат во САД. Потоа, во саботата, ги зголеми на 15 отсто.
Ланге денеска изјави дека ваквиот развој на настаните може да доведе до повисоки ефективни стапки за одредени категории производи. Според него, можно е да се применува данок од 30 отсто за некои групи, и покрај ограничувањето од 15 отсто предвидено во царинскиот договор ЕУ–САД.
