-Марио, псевдоним, конечно го доби мислењето на Етичката комисија, која по проверката на неговата состојба од тим лекари специјалисти, потврди дека ги исполнува критериумите за легален пристап до потпомогнато самоубиство, соопшти здружението кое се залага за легализација на потпомогнатото самоубиство во Италија.

Која е разликата помеѓу евтаназијата и потпомогнатото убиство?

Евтаназијата се однесува на случај во кој се преземаат активни чекори за да се стави крај на нечиј живот, но фаталниот чин го врши некој друг, најчесто лекар.

Потпомогнато самоубиство е кога некој си го одзема животот, но некој друг му помага. Наместо тоа да го прави лекар, тоа го прави самиот човек. Потпомогнатото умирање може да се однесува на евтаназија или потпомогнато самоубиство.

Нов Зеланд е последен во низата држави каде евтаназијата стана легална.

Уставниот суд воведе исклучок во законот

Италијанскиот закон моментално го казнува помагањето во самоубиство со казна затвор од пет до 12 години, но во 2019 година Уставниот суд воведе исклучок за пациентите кои се одржуваат во живот со лекови и страдаат од тешка болест која предизвикува физичко и ментално страдање кои се сметаат за неподносливи и кои се целосно способни да донесуваат слободни и свесни одлуки.

Марио (43) е камионџија кој пред десет години стана тетраплегичар по сообраќајна несреќа во која му беше скршен рбетот.

Тој постојано барал од здравствените власти во провинцијата Марке (во центарот на земјата), каде што живее, дозвола за потпомогнато самоубиство, што му било одбиено додека во случајот не се вклучил правниот тим на Здружението Лука Кошиони.

-Ослободен сум, повеќе не ја чувствувам тензијата што се создаваше сите овие години, реагира Марио, пренесува здружението.

Начинот и времето на потпомогнатото самоубиство допрва ќе се утврдува.

Најавен референдум за 2022 година?

Одлуката на Уставниот суд од 2019 година ја потресе Италија, земја со силна католичка традиција, каде угледот на црквата е многу висок.

Но, судот остави правен вакуум со тоа што прогласи за незаконски само член од кривичниот законик кој ги казнува лицата вклучени во потпомогнатото самоубиство, наведувајќи ги условите што мора да се исполнат за да бидат законити.

Но, сè уште нема посебен закон во кој би била вклучена оваа одлука, па здружението Лука Кошиони организираше петиција за распишување референдум за законот за евтаназија во Италија, на кој беа собрани повеќе од 750.000 потписи.

На референдумот, за кој се потребни најмалку 500.000 потписи, треба да се измени законот за забрана на потпомогнатото самоубиство. Референдумот би можел да се одржи веќе во 2022 година.