Вториот круг од изборите за градоначалник на Општина Брвеница заврши со излезност од 52,9 отсто, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИК). До 18:30 часот гласале 8.595 избирачи, односно 1.023 повеќе отколку во текот на целиот прв круг.

Во првиот круг на гласање излегле вкупно 7.572 избирачи, а излезноста изнесувала 46,58 отсто. Тоа значи дека во вториот круг одѕивот е повисок за 6,32 процентни поени.

Вкупната излезност од првиот круг беше надмината уште до 17 часот. Дотогаш гласале 7.902 избирачи, односно 48,64 отсто. Во следниот час и половина на гласање излегле уште 693 граѓани, со што одѕивот се зголемил за дополнителни 4,26 процентни поени.

По завршувањето на гласањето, се очекуваат резултатите од вториот круг, по кои ќе стане јасно кој ќе ја преземе градоначалничката функција во Брвеница. За неа се натпреваруваат Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.