Кадровските решенија во новата Влада, сметам дека се луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина. Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
-За министри од редовите на СДСМ во новата влада кои ќе ги доставам до Собранието се:
Вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, магистер по математички науки.
Вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер
Вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда, магистрант по меѓународно и европско право.
Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, поранешна заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада.
Министер за ватрешни работи, Оливер Спасовски, кој и досега ја извршуваше оваа функција, магистрант по уставно право.
Министер за правда, Никола Тупанчевски, познат професор на Правниот факултет.
Министер за земјоделство, Љупчо Николовски, поранешен и јас би додал успешен министер во овој ресор.
Министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, магистар по социолошки науки, членка на повеќе меѓународни тела, директорка на Државниот инспекторат за труд.
За министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ, Доктор на науки, професорка на Педагошки факултет.
Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, актуелен министер, поранешен градоначалник, дипломиран архитект.
Од сите нив очекувам максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
Составот на новата Влада и владината програма утре ќе ги доставам до Собранието на Република Северна Македонија.
Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните.
Почитувани граѓани, поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, додава Ковачевски.