Едногласно, сите локални совети во рамки на чаирскиот огранок на ДУИ, вклучувајќи го и тој од населбата Дижон 1, со помасовно присуство од кога и да било, се построија кон Али Ахмети и „европскиот фронт“, напиша на Фејсбук Артан Груби, најблискиот соработник на партискиот лидер. Тој заедно со новоназначениот „координатор за Чаир“ Бујар Османи и со министерот Крешник Бектеши, одржаа партиска средба од која им порачаа на „огнените“: „Само оставете не да си ја работиме работата“. И уште рекоа: „Чест ни е да не нарекувате ахметисти“. „Огнениот“ Блерим Беџети вели дека не би бил изненаден ако секој огранок добие „координатор“.

Колку пообединети, толку сме посилни, кажал Груби на собирот и додал дека е чест што и во „Дижонска“ и во цел Чаир тој, Османи и Бектеши се идентификуваат како луѓе на Ахмети.

„Волјата на Ахмети е изразена преку Бујар кого го назначи за координатор во Чаир“, им порача Груби на дижонци.

„Па дали има поголема чест од тоа“, кажал и Османи пред присутните на собирот и оценил дека идните генерации ќе го ценат тоа што биле луѓе на албанскиот лидер Ахмети и дека ќе биде ценето тоа што го направиле за албанскиот народ.

Организацискиот секретар на ДУИ, а дел од „огнената група“, Блерим Беџети реагира преку Фејсбук и вели дека не би бил изненаден доколку лидерот на партијата реши да назначи координатор и за Сарај, каде тој е главен, како што тоа се случи во Чаир со назначувањето на Османи.

„Нема да ме изненади ако секаде назначат координатори. Тоа што нема таква функција во статутот на ДУИ се чини не им е важно“, додаде Беџети.