Министерството за економија најавува ограничување на маржите ако цените пораснат
Министерот за економија Бесар Дурмиши најави нови мерки против маркетите ако цените драстично скокнат по завршувањето на мерката за замрзнати цени. Ограничување на маржите ќе биде една од опциите што Министерството веќе ги разгледува.
„Скоро се ќе опфатиме со таа мерка. Ќе ги опфатиме сите производи што ги имаат ланците. Или ќе има ограничување на маржи за сите производи, или ќе се зголеми вредноста на ограничувањето“, изјави Дурмиши.
Владата подготвува драфт за нова потрошувачка кошница
Во Министерството за економија веќе е изготвена драфт верзија на новата потрошувачка кошница. Таа сè уште не е објавена за јавноста. Според Дурмиши, кошницата ќе вклучи сезонски производи што реално ги купуваат граѓаните.
„Работната група веќе два месеци работи. Очекуваме идниот месец документот да биде разгледан од Владата, а потоа да се достави и до Економско социјалниот совет“, рече министерот.
Сè уште не е познато дали новата потрошувачка кошница ќе биде за тричлено или четиричлено семејство. Власта смета дека минималната синдикална кошница, што ја изготвува ССМ, не ги одразува реалните трошоци.
За месец април, Синдикатот пресмета дека на едно семејство му се потребни 62.691 денар за да ги покрие месечните трошоци.
Извор: Сител