Прва асоцијација за фрлањето на крстот на големиот христијански празник Водици според многумина без двоумење е градот Охрид и преубавото Охридско езеро.

Хотелите се соочуваат со проблеми

Иако за Богојавление – Водици во Охрид ќе допатуваат многу верници од земјава за да присуствуваат на спектакуларното положување на крстот во водите на езерото, најголемиот број од нив ќе престојуваат во сопствените станови или ќе допатуваат од соседните градови. Дел од помалите хотели понудија попусти, но и тоа не придонесе за доаѓање на повеќе странци, а некои хотели по новогодишните празници ги затворија вратите за гости. Експертите бараат од државата да ги субвенционираат хотелите во овој период од годината со што ќе се продолжи туристичката сезона.

Освен домашни, ќе има и странски туристи

Уникатното одбележување на верските празници Богојавление – Водици и Свети Јован Крстител кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите треба да бидат еден од адутите за привлекување на домашни и странски туристи. Наместо тоа неколку години наназад се намалува интересот за доаѓање што секако се должи на слабата промоција. По новогодишните празници некои хотели ставија клуч на врата, а искористеноста на оние што се активни ќе биде минимална, иако дел од нив понудија попусти од 20 проценти.

„Знаеме што претставува овој празник за Охрид и пошироко, не само за овој град, затоа што во овој период дел од хотелите не се активни, а интересот како што претходно напомнав е сè помал. Главен акцент треба да се стави на промоцијата на овој настан“, изјави Зоран Јанчески-менаџер на хотел.

Охрид – атрактивна дестинација надвор од летната сезона

Според експертите од областа на туризмот овие празници треба да придонесат Охрид да биде атрактивна дестинација надвор од летната туристичка сезона.

„Треба државата да изнајде начини да направи редистрибуција на средствата коишто се издвојуваат за привлекување на странски посетители во текот на сезоната. Едноставно да се направи една релокација и тие средства низ субвенции да влезат во странскиот туристички промет, конкретно наменски да бидат за една ваква манифестација“, изјави проф. д-р Климент Наумов-Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Во минатото хотелиерите и угостителите во неколку наврати организирано ги намалуваа цените на услугите што даваше резултати, барем што се однесува до домашните туристи. За да се привлечат оние од странство ќе биде потребна и успешна промоција на европскиот туристички пазар.

Извор: МРТ