Светските океани во текот на минатата година апсорбирале рекордни 23 зетаџули топлина. Тоа е речиси 40 пати повеќе од вкупната количина енергија што човештвото ја потрошило во истиот период, покажува најновиот извештај за состојбата на океаните на програмата „Коперникус“.
Во десеттото издание на извештајот се наведува дека нивото на морето од 1999 година се зголемувало во просек за околу 3,8 милиметри годишно. Во периодот од 2012 до 2025 година растот се забрзал и достигнал 4,2 милиметри годишно, објави „Гардијан“.
Податоците покажуваат и дека глобалниот океан во последните 40 години станал за 17 проценти покисел. Океаните апсорбирале околу една третина од јаглеродниот диоксид што го испушта човештвото, како и приближно 90 проценти од дополнителната топлина заробена во Земјиниот систем поради емисиите на стакленички гасови.
Научниците утврдиле дека Средоземното и Црното Море биле погодени од рекордни морски топлотни бранови. Високите температури не биле ограничени само на површината, туку се задржувале и во подлабоките слоеви на водата.
Средоземното Море се затоплува за 0,32 Целзиусови степени во една деценија, а процесот особено се забрзал во последните години. Ваквиот тренд придонесува за сè почеста појава на морски топлотни бранови.
Извештајот укажува и на значителните последици што затоплувањето ги остава врз морскиот свет. Од јануари 2023 до септември 2025 година, дури 84 проценти од коралните гребени во светот биле изложени на топлински стрес.
Во изминатите три децении, речиси пет проценти од површината на океаните претрпела трајни промени во моделите на раст на фитопланктонот. Овие микроскопски организми се основа на многу синџири на исхрана и имаат важна улога во регулирањето на протокот на јаглерод.
Последиците од климатските промени се забележани и на Антарктикот. Во 2022 година, четири колонии на царски пингвини доживеале целосен неуспех во размножувањето во период кога морскиот мраз бил на рекордно ниско ниво.
