Полските камионџии веќе ги блокираа патиштата што водат до трите гранични премини со Украина на почетокот на овој месец, протестирајќи против, како што велат, владината неактивност што им дозволува на домашните возачи да ги загубат своите работни места поради странската конкуренција што се појави откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Украинските власти минатата недела објавија дека Киев и Варшава и овој пат не постигнале договор за прекин на протестите.
„Повеќе од десет дена украинските возачи се блокирани на полската граница. Илјадници луѓе се принудени да живеат во тешки услови со ограничено количество храна, вода и гориво“, напиша на „Икс“, Олександр Кубраков, заменик-премиер на Украина.
Според податоците на украинското Министерство за инфраструктура, границата со Полска месечно ја минуваат во просек од 40.000 до 50.000 камиони преку осумте постоечки премини, што е двојно повеќе од пред војната.
Украинските посредници во транспортот на житото минатата недела предупредија дека патните испораки на намирници и храна во првите 13 дена од ноември во Украина се намалиле за 2,7 отсто поради тешкотиите на полската граница, а причината е штрајкот на возачите на камиони.