Метрото во Њујорк ќе продолжи со ноќните линии и 24-часовното работење од 17 мај. Од почетокот на пандемијата метрото беше запрено ноќе, меѓу 1 и 5 часот, кога се вршела дезинфекција на возовите и метро станиците.

Ограничувањата на деловниот капацитет, вклучително ресторани, канцеларии, спортски сали, фризерски и салони за убавина, ќе бидат укинати на 19 мај.

Укинувањето на мерките за бројот на луѓе на настани и посетителите на разни институции, значи дека киносалите, музеите, театрите, трговските центри повторно ќе работат со полна пареа. Тоа, исто така, важи и за театрите на Бродвеј, кои конечно ќе можат да продолжат со работа, објавија американските медиуми.

Ограничувањата на бројот на гледачи ќе останат во сила само за големите спортски сали, а од 19 мај ќе им биде дозволено да продаваат билети за само една третина од местата.