Србија силно се спротивставува на ова и покрена голема дипломатска офанзива против резолуцијата.

Се очекува десетина земји да гласаат против резолуцијата, додека неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори, пренесува словенечката новинска агенција СТА.

Предлог-резолуцијата, меѓу другото, го осудува негирањето геноцид и величењето осуденици за воени злосторства.

Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда, а ја поддржаа уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија.

Официјален Белград и властите на босанскиот ентитет Република Српска негираат дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, туку зборуваат за „страшно злосторство“.

Во предлог-резолуцијата се потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и на Меѓународниот суд на правдата, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид. Во преамбулата на текстот се наведува дека „кривичната одговорност според меѓународното право за кривичното дело геноцид е индивидуализирана“. Над 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор, а Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, меѓу другите, беа осудени на доживотен затвор.

Нацрт-резолуцијата безрезервно ги осудува дејствијата што величат осуденици за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и одговорните за Сребреница. Исто така, се нагласува одговорноста на државите да ѝ стават крај на неказнивоста за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународниот закон за човекови права и да ги гонат одговорните за таквите дела со цел да се избегне нивно повторување и да се постигне одржлив мир, правда, вистина и помирување.