Општина Крива Паланка денеска ги информирала и побарала помош од амбасадите за сузбивање на неконтролираното движење на повеќе од 1.000 грла крупен добиток на територијата на општината.
Дописот е упатен до сите амбасади и амбасадори акредитирани во Мамедонија. Општина Крива Паланка ги повикува амбасадорите во своите разговори со претставниците на Владата и на надлежните институции да го отворат ова прашање, да укажат на ризиците за граѓаните и да ја нагласат потребата од итно и координирано постапување.
„Преку редовниот дијалог со државните власти, амбасадорите можат да помогнат барањата на жителите на Крива Паланка да добијат внимание на највисоко институционално ниво. Нивното залагање може да придонесе за воспоставување директен работен дијалог меѓу Владата, надлежните агенции и Општината, со цел да се договорат конкретни мерки, да се утврди кој е одговорен за нивното спроведување и да се одредат рокови за постапување на терен“, се вели во соопштението.
Добитокот без надзор се движи по улиците и патиштата, ја загрозува безбедноста на пешаците и возачите и предизвикува штети на земјоделските насади. Присуството на добиток и во дворот на средното општинско училиште дополнително ја нагласува потребата од итни мерки за заштита на учениците, вели Општина Крива Паланка, нагласувајќи дека е подготвена да ги стави на располагање податоците од општинскиот регистар на пријавени штети и да обезбеди локална поддршка за спроведување на договорените мерки.
