Министерствата и Владата просечно објавуваат 79 проценти од потребните информации што е минимално зголемување во однос на ланските 77 проценти, додека кај општините петта година по ред се забележува помала транспаретност од министерствата. Општините објавуваат 60 проценти од потребните информации што е за 5,5 проценти поени повеќе во однос на лани.

За првпат сега две институции и тоа Министерството за одбрана и општина Карпош имаат максимални 100 проценти транспаретност, односно ги објавуваат сите предвидени информации.

Најмалку информации, министерствата објавуваат за финансиите, а општините за прашањата од нивната надлежност.

Од регионите, на прво место е Источниот регион со 74 проценти транспаретност, а последен е Скопскиот регион со 49 проценти.

Од Центарот за граѓански комуникации информираат дека општините одговориле во просек за 17 дена на барањата за слободен пристап до информации, а министерствата за 16 дена, додека 39 проценти од институциите одговориле подоцна од законски предвидениот рок.

Од годинава, активната транспарентност е претставена на специјално изработената веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамки на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.