– Претстојните летни самити на ЕУ претставуваат неповторлива шанса со тоа што ЕУ на дело ќе ја покаже кредибилноста на процесот на проширување и со тоа ќе ја зачува европската идеја како главен мотор на позитивни промени во регионот, вели Османи.

Мази, изрази очекување дека процесот на проширувањето мора да продолжи и дека и двете земји во јуни ќе добијат датум за првите меѓувладини конференции.

– Ние се надеваме силно дека ЕУ ќе најде сили процесот на проширување да продолжи. Ние, Албанија и Северна Македонија нема да заминеме со празни раце на 22 јуни годинава кога е последниот состанок на Советот на општи работи под претседателство на Португалија. Првата Меѓувладина конференција се надеваме дека треба да се одржи ова полугодие и да не се доведе во прашање основната вредност за заслугите. ЕУ ги цени заслугите на секој кандидат. Албанија ги исполни сите барања, процесот на рерофми продолжува. Се надеваме дека нема да се закочи процесот на интеграција на нашите две земји, рече Мази.

Османи и Мази на средбата размениле искуства по однос на преговарачката структура, како и улогата на институциите, особено на Министерството за надворешни работи во целокупниот процес, а било дискутирано и за можноста од разни форми на заедничка соработка во форма на обуки за јакнење на административните капацитети при справување со предизвиците на улогата и задачите од преговарачкиот процес.

– Новата методологија предвидува посилно политичко водење на самиот процес на преговори, поголема улога на самите земји – членки во надзорот и оценувањето на преговарачкиот процес, со што и улогата на нашата Дипломатска мрежа во престолнините на ЕУ добива дополнително значење и одговорност за успешно водење на преговорите. Како клучни точки на комуникација со институциите на ЕУ се секако мисиите во Брисел на земјите кои преговараат, и тие мора да добијат сериозно дипломатско засилување; но посебна улога добиваат и сите останати амбасади во земјите – членки на ЕУ, кои треба да воспостават ефикасен проток на информации за напредокот на земјата, и најважно систем на рано предупредување, со цел правилно информирање и на Владата, на самата преговарачка структура за оценката и насоките кои доаѓаат од европските главни градови, истакна Османи.

Министерот Османи го запозна соговорникот за статусот на реформските постигнувања, како и за актуелните состојби со соседите. Притоа, Османи информирал за обновениот и зајакнат фокус во испорачувањето резултати од областа на владеењето на правото и борба против корупција.

Главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Зеф Мази на агендата денеска има и средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претходно, Мази беше примен од претседателот на државата Стево Пендаровски, со кого размениле мислења и информации за перспективите за скорешно одржување на меѓувладината конференција за двете држави и формалниот почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија и на Албанија со Европската Унија.