Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари билатерална средба со ерменскиот колега Арарат Мирзојан. Двајцата министри разговараа за безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на Јужен Кавказ и за тоа како да се зачува стабилноста и да се унапреди безбедноста на регионот со помош на механизмите на ОБСЕ.

Подготвени сме да продолжиме со таквите напори преку постојните механизми и структури на ОБСЕ, како и нови идеи и иницијативи, со цел да се постигнат овие цели. Стоиме зад секој напор кој обезбедува позитивна динамика во поддршка на спроведување на претходно договорените мерки и идентификација на нови области во насока на стабилизација. Ги поддржувам сите напори што водат кон мир и сите иницијативи кои го олеснуваат дијалогот, ги смируваат тензиите и ја зајакнуваат довербата.

„Изразив силна поддршка за тековните напори за посредување и за воспоставување стабилност на терен. Се надевам дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста на регионот. Како Претседавач, ја повторив нашата подготвеност да ги споделиме нашите искуства во справување со предизвиците и ги посочив на можностите на регионалната соработка”, рече Османи на средбата.

Османи и Мирзојан разговараа и за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Ерменија, во разни сфери од заемен интерес.

Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ беше во посета на Ерменија, во април оваа година.