По министерскиот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува во Будва, во рамките на Тројката претседавачи со иницијативата беше одржана заедничка конференција за медиумите на министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на Владата на Црна Гора Дритан Абазовиќ.

При својот настап, Османи елаборираше дека под слоганот на претседавањето на Северна Македонија со ПСЈИЕ “Премостување поделби, градење доверба“ стои цврстото убедување на земјата дека најголемата закана за регионот се сè уште отворените билатерални спорови и политички блокади кои го попречуваат напредокот во европската интеграција и во билатералната и регионалната соработка, а кои лесно можат да бидат искористени од надворешни актери.

“Мое цврсто верување е дека треба да ги избегнеме овие обиди со какви било средства и да се отвориме за можностите кои ги нуди помирувањето, дијалогот, надминувањето на наследството од минатото и решавањето на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија. Северна Македонија го следи овој пат и Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, Договорот од Преспа и компромисот постигнат минатиот јули за нашиот европски пат се сведоштва за нашата посветеност на оваа вистинска европска кауза” рече Министерот.

“Се надеваме дека наскоро во регионот, следејќи го патот на компромисот, ќе постигнеме одржливи решенија за преостанатите отворени прашања кои ќе нѐ водат кон членство во ЕУ и испреплетениот економски раст. Ова произлегува од нашиот заеднички интерес и треба да го направиме не само без стратешко двоумење, туку со стратешка решителност” додаде Османи.