ОСМАНИ ПОВТОРНО АМНЕСТИРАН
Бујар Османи повторно е амнестиран од институциите, обвини движењето ВРЕДИ, посочувајќи дека обвинителството и судството молчат и покрај јавно објавениот ревизорски извештај за сериозни злоупотреби во Министерството за надворешни работи.
Во извештајот на Државниот завод за ревизија стои дека над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) биле потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требало да остане во државна сопственост. Според ВРЕДИ, тоа отвора сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни пари.
„Ако беше било кој друг граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна. Но за Бујар Османи важат други правила. Очигледно е дека е под нечија заштита, а тоа значи само едно – дека е должен некаде, а тоа не се Албанците или граѓаните на Чаир. Некоја структура во државата очигледно го штити и го негува Бујар Османи како свој миленик,“ велат од ВРЕДИ.
Тие потсетуваат дека ова не е прв пат ревизорите да откријат сомнителни практики во работата на Османи. Кога беше министер за здравство, исто така доби негативен извештај со забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати, но тогаш судството повторно го амнестираше.
„Јавното обвинителство има законска обврска да отвори случај по негативен извештај на ДЗР. Ако тоа не се направи, ова ќе биде втор пат како институциите свесно го амнестираат Бујар Османи за исти сомнежи и злоупотреби,“ порачуваат од ВРЕДИ.
- „Граѓаните заслужуваат вистина, отчетност и правда, а не политички имунитет за оние што ја злоупотребиле државата за лични цели. ВРЕДИ останува гласен и доследен: нема да дозволиме овие случаи да се затворат во фиока,“ завршува соопштението.