Ние за рокови не можеме да зборуваме, бидејќи навистина ние не сме тие што одлучуваме. Ние бевме одговорни да ги исполниме сите услови за почеток на преговори, да бидеме конструктивни во овие разговори и покрај тоа што прашањата не се поврзани едни со други, меѓутоа топката повеќе не е во нашиот двор. Топката е во Софија и во Брисел. Дали тие ќе одлучат да преземат стратешко лидерство во овие моменти или не е нивно и нивна одговорност, истакна денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриел Ландсбергис.
Министерот за надворешни работи истакна дека со одолговлекување на процесот се намалува енергијата во земјава, како и поддршката на граѓаните. Тој додаде дека премногу енергија се вложува на ова прашање, а од друга страна потребна е енергија и за внатрешните прашања, продолжување на реформските процеси, подобрување на економската состојба.
– Никогаш нема да се повлечеме од нашата амбиција за ЕУ и сметам дека бевме и сме пример на земја кандидат која ги надминува бараните базични услови за започнување на преговори со 40 проценти европско законодавство, кое е веќе дел од нашето законодавство со земја, која е лидер во регионот по однос на политичките и економските критериуми, лидер по однос на односот кон мултиетничноста, лидер по однос на односот кон соседите. Се тоа што се бара од една држава. Мислам дека уште има можност и шанса, ќе продолжиме да бараме решение, меѓутоа ова е пораката што ја праќаме и до Република Бугарија и до ЕУ дека полека се намалува можноста целото општество да се посвети на ова прашање. Затоа треба сега да се најде начин да се донесе одлука за почеток на преговорите, но ние повеќе не можеме и немаме што да правиме, рече Османи.
Тој појасни дека има два паралелни процеса – едниот се билатералните разговори, обврски, кои сме ги презеле со потпишување на договорот од 2017 година и кои потоа ги мониторираме преку меѓувладина комисија и усвојување на годишен протокол од средбите на тие комисии, вториот е усвојувањето на преговарачката рамка.
– Тоа е едниот процес и ние разговараме за новиот протокол за имплементација на договорот. Имаше еден протокол во 2019 година, вториот не се одржа поради пандемија, немање влада. Сега зборуваме за следниот протокол кој е дел од имплементација на Договорот од 2017 година. Втората линија на разговори е усвојување на преговарачката рамка која за жал е блокирана од Република Бугарија и тоа е процес кој е двостепен. Во првата фаза се усогласуваат земјите-членки односно тоа што ќе се содржи преговарачката рамка бидејќи таа е инструмент на ЕУ, тоа е главниот инструмент на проширување и потоа ние го прифаќаме или не го прифаќање со тоа што треба и нашето Собрание да ја одобри преговарачката рамка, истакна Османи.
Нагласи дека во оваа фаза се уште има разлики меѓу земјите-членки по однос на тоа што треба да стои во преговарачката рамка.
– Кај нас се уште не е стигнат предлог текстот на преговарачката рамка, освен тој на комисијата, затоа што треба тие прво треба да се усогласат, меѓутоа на средби како што е денешната, на сите мои посети на секоја земја-членка поединечно им објаснувам што може, а што не може да биде прифатливо за нас и нашето Собрание кога ќе биде изгласано. Во оваа фаза се водат разгворори меѓу земјите-членки по однос на тоа што може. Јасен е ставот на земјте-членки дека билатерални прашања не треба да има во преговарачката рамка. Често им кажувам дека она што ние го правиме во овој процес не е само заштита на нашите интереси, туку ние ја штитиме и ЕУ, бидејќи го штитиме процесот да остане атрактивен, рече Османи,
Министерот за надворешни работи истакна дека се уште има дилеми меѓу земјите-членки што ќе содржи преговарачката рамка и изрази надеж дека деновиве ќе има интензивирање на напорите.
– Се надевам дека овие денови ќе има интензивирање на напорите, трилатерални ако можам да кажам, бидејќи има три страни во овој процес, ние, Бугарија и 26 земји-членки и сите треба да бидат задоволни за да на крај се успее во процесот. Тоа се прашања кои се разговараат во овој процес. Не можам нашите позиции да ги кажам тука јавно затоа што ги презентираме на маса. По прашањето на Уставот јас и во неколку наврати сум кажал дека ние сме спремни, но прашањето на имплементација на процесот е прашање кое што се разговара, истакна Османи.
Тој напомена дека земјите – членки се многу свесни дека она што ќе влезе, доколку тоа е во преговарачката рамка создава преседан, кој потоа треба да се почитува, што значи дека не е во прашање само нашата преговарачка рамка, туку и натамошниот процес на проширување.
– Повеќето земји-членки, некои повеќе, некои помалку се сензитивни на тоа да се внесуваат билатерални прашања во преговарачката рамка. Се разбира, билатералните прашања ги има во оригиналниот документ на секоја преговарачка рамка. На пример, добрососедските односи се во Копенхашките критериуми, односно почитувањето на правата на малцинствата е дел од Копенхашките критериуми, тоа е дел од Поглавјето 23 на процесот на проширување. Добрососедските односи се исто така дел од процесот, меѓутоа генерализирано и се однесуваат за сите малцинства и на сите соседи, рече Османи.
Во врска со посетата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, тој рече дека таа била конструктивна, се разменувале некои инструменти, некои идеи како да се надминат овие разлики по однос на содржината на преговарачката рамка.
– Сепак тој е претставник на Европската Комисија и ЕК е таа што ја предлага рамката пред Советот, мислам дека имаше и конструктивни размислувања во тој правец, меѓутоа не сум во состојба тука да ги кажам, бидејќи се се уште само дел од некои размислувања. Но добро што комесарот се движи во Софија и во Скопје со идеи како може да го придвижат процесот напред, додаде Османи.