Народната банка ја задржа основната каматна стапка на ниво од 4,25 проценти. Како образложение за ваквиот чекор се посочуваат високата неизвесност и непредвидливоста кои наложуваат потреба од претпазлив пристап во водењето на политиките.
„Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени во доменот на задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата“, оценуваат од Народната банка.
Централната банка оценува дека состојбата на девизниот пазар е стабилна, додека годишната стапка на инфлација во септември се задржа на релативно умерено ниво од 2,7 отсто. Сепак, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во нагорна насока, што упатува на можни поголеми увозни ценовни притисоци врз домашните цени во следниот период.
Според најновите проекции, се очекува инфлацијата во 2026 година да забави на 3,6 проценти и да продолжи со надолно приспособување кон историскиот просек. Во 2027 година се предвидува таа да се сведе на 3,4 отсто, во 2028 година на 2,2 отсто и да достигне 2,0 отсто на среден рок преку стабилизирање на увозните цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.
Од Народната банка исто така оценуваат дека домашната економија покажува отпорност наспроти неизвесното надворешно окружување. Според подобрените остварувања во првата половина од годината, новите проекции предвидуваат умерено забрзување на растот на БДП со стапки од 3,8 отсто во 2026 година и 4 отсто на среден рок.
Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките заклучно со септември покажуваат натамошно јакнење на депозитната база и солидна кредитна поддршка. До крајот на 2026 година се очекува раст на депозитите од 7,8 отсто и раст на кредитите од 12,8 отсто, додека за периодот 2027-2029 година се предвидува умерено забавување со просечен раст од околу 7,7 отсто кај депозитите и 7,5 отсто кај кредитите.
