Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ успешно се реализира тридневната филмска работилница за основните училишта под наслов „Снимај паметно, остави трага“, организирана од Меѓународниот филмски фестивал Киненова и Општина Кисела Вода. Проектот се спроведува под менторство на македонската филмска режисерка Марија Џиџева и е посветен на сузбивање на насилството меѓу младите, со акцент на булингот и сајбербулингот.

Иницијативата ги насочува паметните телефони на учениците од таканаречената „Алфа-генерација“ да прераснат од потенцијален извор на дигитално насилство во уметничка алатка за општествени промени. Учениците од осмо и деветто одделение преку практична работа ги поминаа сите фази на филмската продукција, започнувајќи од развој на идеја и пишување сценарио, преку снимање со мобилни уреди, сè до завршната монтажа, преточувајќи ги личните соочувања со врсничкото насилство во филмски приказни.

„Работилницата е наменета токму за децата кои секојдневно се изложени на технологијата што придонесува за алармантно зголемување на врсничкото насилство. Целта на овие кратки форми е тимски да создадеме филмови каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи и ќе им помогнеме нвозрасните подобро да разберат како децата денес ги доживуваат булингот и сајбернасилството“, истакна Џиџева.

Поддршката за проектот доаѓа од локалната самоуправа на Општина Кисела Вода, при што градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска на прес-конференцијата по повод 11. фестивалско издание под мотото „На прво светло“ ја истакна важноста на соработката.

„Преку ова партнерство и ставањето во функција на нашите две киносали во Кисела Вода, директно придонесуваме за создавање услови за промоција на филмската уметност, даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните“, рече Стаменкоска-Трајкоска.

Краткометражните остварувања што учениците ги изработија за време на тридневните активности ќе бидат премиерно прикажани пред јавноста на филмското платно во рамките на фестивалот Киненова, кој официјално започнува на 14 октомври во киното „Фросина“.