Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, денеска престојуваше во официјална посета на Собранието, што претставува прва посета на индиски претседател на Македонија. Посетата се оценува како значаен чекор во унапредувањето на билатералните односи и зајакнувањето на соработката меѓу двете земји.
Во Собранието, Мурму беше пречекана од претседателот Африм Гаши, со кого одржа тет-а-тет средба. По средбата, таа се потпиша во Книгата на впечатоци, изразувајќи благодарност за гостопримството и нагласувајќи ги историските, културните и пријателските врски меѓу двата народа.
Во рамки на пленарната седница, претседателката на Индија им се обрати на пратениците и на граѓаните, при што истакна дека демократијата е вредност што ги поврзува Индија и Македонија, а парламентите се чувари на слободите на граѓаните и огледало на националната совест.
Говорејќи за односите меѓу двете земји, Мурму порача: „Ние не ја сметаме Македонија за далечна земја, туку за важен столб во градењето одржлива, мултиполарна и просперитетна глобална иднина.“

Таа се осврна и на историските и културните врски меѓу двата народа, посебно истакнувајќи ја Мајка Тереза, која ја нарече „најпознатата ќерка на Скопје“ и потсети дека Индија била нејзиниот дом. Мурму најави дека за време на посетата ќе ѝ оддаде почит на Мајка Тереза, а воедно соопшти дека на народот на Република Македонија ќе му подари биста на Махатма Ганди, нагласувајќи дека неговите идеали се вредности што ги обединуваат сите.
Во своето обраќање таа ја потенцираше и важноста на парламентарната дипломатија, продлабочувањето на контактите меѓу Македонија и Индија, како и зголемувањето на учеството на жените во демократскиот живот.
Осврнувајќи се на древната индиска филозофија „Целиот свет е едно семејство“, претседателката Мурму нагласи дека во време на бројни глобални предизвици и поделби е неопходно да се градат мостови на соработка и меѓусебно разбирање.
