Началникот на бугарската Национална служба за обезбедување, генерал-мајор Емил Тонев, понуди оставка по инцидентот во кој новинарката Соња Колтуклиева беше турната на тротоарот од припадник на службата. Непосредно пред ова, потпретседателката Илијана Јотова најави дека официјално ќе побара негово повлекување од функцијата. Во службата веќе е покрената внатрешна постапка за утврдување на сите околности.
Инцидентот се случил кога новинарката се обидела да добие одговор од претседателката на бугарското Собрание, Михаела Доцова, за собраниските седници посветени на помилувањето на Огњан Атанасов, во јавноста познат како „Петричкиот Ескобар“. Настанот се одиграл пред партиското седиште на „Прогресивна Бугарија“.
Според сведочењето на Колтуклиева, Доцова одбила да одговори и влегла во службеното возило. Новинарката потоа ја отворила вратата за да продолжи со прашањата, по што била физички оттурната од обезбедувањето и паднала на бетонот.
„Следното на што се сеќавам е дека лежев на земја, ме болеше главата, ми се повраќаше и имав силни болки во рамото. Се обидуваат мене да ме прикажат како виновна, а јас сум жртвата“, изјави Колтуклиева по сослушувањето во Обвинителството.
Колтуклиева најпрво била згрижена во Воено-медицинската академија во Софија, по што лекувањето го продолжила во болницата „Света Софија“. Лекарите констатирале повеќе телесни повреди, вклучувајќи исчашено рамо, а постои и сомневање за претрпен потрес на мозокот. За целиот случај надлежните органи веќе отворија преткривична постапка.
Тонев потврди дека се спроведува службена проверка и соопшти дека инволвираните припадници на обезбедувањето се отстранети од должност додека трае истрагата, најавувајќи строги дисциплински санкции при секое утврдено прекршување.
Претседателката на парламентот, Михаела Доцова, изрази длабоко жалење и оцени дека ваквото однесување е целосно недозволиво, посочувајќи дека сакала лично да разговара со повредената новинарка и да ѝ се извини. Таа појасни дека службата постапува исклучиво според сопствени безбедносни протоколи врз кои таа нема директна надлежност.
