Тензично е и вечерва пред Јавното претпријатие Комунална хигиена каде вработените излегоа на протест, пренесува Макфакс.
Директорката Косана Мазнева се соочи со нив, но наиде на скандирања и негодување.
„Дали вие вечер ќе работите?”, ги праша Косана Мазнева, а тие скандираа „Оставка, оставка”.
„А да влезеш во камион да работиш?”, ги праша Мазнева, на што тие продолжија со скандирање „Оставка, оставка”.
Во претпријатието дојде и засилување на полицијата од специјалци.
Додека бараа оставка, директорката им рече: „Ваше право“, а еден од нив и’ врати: „Ние сме 200 души, ти си една“.
„Дали може да ги легитимирате лицата?“, побара Мазнева од началникот на МВР кој раководи со полицијата распоредена во претпријатието, бидејќи се сомнева дека барикада прават и лица кои не се вработени.
„Сите сме вработени ние тука, за парче леб сме“, рекоа лицата распоредени на капијата од претпријатието.
Работниците од 7 јули протестираат во знак на револт кон раководството поради отпуштените работници, а истовремено бараат зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж.