Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ испрати жестока писмена реакција по денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Организаторите на оваа група членови и партиски функционери отворено го критикуваа неговиот јавен настап и политички речник.
Во официјалното соопштение се наведува дека Филипче демонстрира авторитарен карактер и дека е целосно заскитан во редовите на партијата. Претставниците на иницијативата сметаат дека сопствениот гнев го насочува кон оние кои имаат поинакви политички погледи.
Според нив, наместо да води сериозна опозициска битка против власта на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, раководството на СДСМ користи навреди и конструкции против докажани партиски активисти.
„Венко Филипче сè повеќе личи на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски. Сиот личен бес го истура врз оние кои мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ. Да го трошеше истото време за вистинска борба против Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, партијата и членството немаше да биде во ваква незавидна состојба. Меѓутоа, нам ни се јасни причините за ваквото негово поведение, тој е во паника дека се одмотува клопчето, излегува на виделина највалканиот политички дил од независноста до денес“, велат од „Разговори за иднината во 12:05“.
Од иницијативата исто така посочуваат дека СДСМ некогаш претставувала демократска и државничка организација, додека денес се сведува на инструмент на мала група чија цел е обезбедување пратенички места.
Членовите порачуваат дека предлозите за внатрешни структурни реформи наидуваат на неоправдан отпор и нервоза кај претседателот на социјалдемократите.
