Основниот суд во Приштина денеска (24 април) осуди двајца етнички Срби на доживотен затвор, а уште еден на 30 години затвор поради судирите во септември 2023 година во северно Косово, во кои загинаа четири лица и се зголемија тензиите во регионот.
Судот ги прогласи за виновни за нарушување на уставниот поредок и поттикнување терористички активности со цел отцепување на северот на Косово и негово припојување кон Србија.
„Преку овој добро организиран план, тие се обидоа да ги одвојат општините на северот од Косово и да ги анектираат кон Србија“, изјави судијата Нгаденџим Арни.
Судирите се случија кога вооружена група постави барикади во селото Бањска, по што следуваше повеќечасовна престрелка со косовската полиција. Во настаните беа убиени еден косовски полицаец и три вооружени лица, додека двајца полицајци беа ранети.
Тројцата осудени биле повредени и уапсени на местото на настанот, додека останатите членови на групата избегале во Србија. Косово ја обвини Србија дека стои зад групата, додека Белград ги негира обвинувањата и тврди дека тие дејствувале самостојно.
За случајот се обвинети вкупно 45 лица, но судењето беше спроведено само за тројцата кои беа во притвор. Меѓу лицата во бегство е и лидерот на групата, Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар поврзан со владејачките структури во Србија.
Радоичиќ беше кратко приведен во Србија по настаните, но не беше изведен пред суд, и покрај притисокот од САД и Европската Унија. Тој се наоѓа и под санкции од САД и Велика Британија поради наводни финансиски криминални активности.
