Неприфатлива е идејата на Алтернатива на Африм Гаши за формирање на заедница на албански општини по примерот на Косово, каде таква заедница треба да добијат општините со српско мнозинско население, реагираат владејачките партии.
Од СДСМ велат дека ова барање е несериозно и, според нив, не треба да се користи за придобивање на политички поени.
„Состојбата во Косово на никој начин не може да се преслика и во нашата држава. Согласно Законот за локалната самоуправа и согласно Законот за меѓуопштинска соработка, соработката помеѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Секоја општина може да соработува во било која форма, кога ќе си го најде интересот за одредена тема“, велат од партијата на Димитар Ковачевски.
Иако предлогот на Алтернатива го прифати фронтменот на „огнената група“ во ДУИ и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, сепак, неговата ДУИ не го дели неговиот став.
„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно распоредување“, гласи коментарот на ДУИ.