Северна Кореја ги отфрли како неосновани обвинувањата од Сеул дека севернокорејски мини тешко повредиле јужнокорејски војници во Демилитаризираната зона, одбивајќи го барањето на Јужна Кореја за извинување, објави државната новинска агенција „KCNA“.
Ким Јо Џонг, функционерка на владејачката Работничка партија и влијателна сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, изјави дека официјален Пјонгјанг не поставил намерно мини во граничната зона.
Во својата официјална изјава, таа истакна дека властите во Јужна Кореја донеле неоснован заклучок оти експлозијата била предизвикана од страна на некој што тајно и со намера поставил експлозивни направи.
Истовремено, претставничката на Пјонгјанг подвлече дека Северна Кореја нема да дозволи никаква можност за контакт меѓу двете страни на полуостровот, опишувајќи ја секоја потенцијална директна средба со Јужна Кореја како кошмар, пренесе државната агенција „KCNA“.
Претходно во текот на оваа недела, Јужна Кореја соопшти дека севернокорејски мини предизвикале инцидент во кој тешко настрадале двајца јужнокорејски војници за време на редовна извидувачка мисија. Настанот се случил во граничната зона широка четири километри, која се протега долж целиот Корејски Полуостров.
Јужнокорејската војска веднаш побара од Пјонгјанг официјално извинување и прекин на сите активности за утврдување на граничната линија, најавувајќи соодветни мерки како одговор, пренесе агенцијата Ројтерс.
Воените сили на Сеул спроведоа истрага за случајот во координација со Командата на Обединетите нации, задолжена за следење на почитувањето на примирјето од Корејската војна. По спроведените анализи, Командата на ОН соопшти дека овој сериозен инцидент претставува директно кршење на примирјето склучено по Корејската војна.
