Од Обвинителството информираат дека откриле еден од насилните демонстранти кој за време на протестот за случајот „Монструм“, заедно со уште неколкумина засега непознати лица, повредија 11 полицајци и еден новинар.
– Осомничениот 19-годишник од селото Стајковци, на 26 февруари, за време на јавен собир на граѓани, заедно со други идентификувани и неидентификувани граѓани, започнале да дејствуваат кон полицискиот кордон на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети. Притоа биле повредени 11 полициски службеници и еден новинар. Сега осомничениот во протестите учествувал маскиран, со цел да не се открие неговиот идентитет, информира Јавното обвинителство
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство и можност тој да го повтори делото.
– Судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена, се додава во соопштението.