Ќоку: Отворена врата за соработка со партии што се борат против корупцијата
Пратеникот Беким Ќоку од коалицијата ВРЕДИ изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно, но отворена врата за соработка има за сите партии што сакаат да се борат против корупцијата и злото.
На прашање дали Зијадин Села има отворена врата за приклучување кон ВРЕДИ, Ќоку одговори дека не се работи за приклучување во ВРЕДИ, туку за поддршка на стабилното мнозинство.
Села не размислува за влез во коалицијата ВРЕДИ
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, истакна дека нема намера да соработува со коалицијата ВРЕДИ. Тој додаде дека неговата позиција може да зависи од постапките на Арбен Таравари, ако се приклучи на Европскиот фронт.
На 1 мај се очекува премиерот Христијан Мицкоски да се сретне со Таравари, кога ќе се одлучи дали Алијанса за Албанците ќе остане дел од Владата.
ВРЕДИ со цврст став против соработка со ДУИ
Беким Ќоку нагласи дека за коалицијата ВРЕДИ е неприфатливо некој од нивните редови да соработува со ДУИ и Али Ахмети. Тој порача дека отворена врата за соработка постои само за субјекти кои не учествуваат во скриени договори.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нема место за ДУИ во Владата. Вицепремиерот Александар Николоски изјави дека би бил изненаден ако Таравари одлучи на соработка со ДУИ.
Одлуката на Арбен Таравари за посебни советнички листи на локалните избори доведе до нарушување на односите со останатите партнери во ВРЕДИ. Таравари најави дека ќе бара соработка со сите политички партии, освен Левица.