Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи

 

Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.

Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.

Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.

САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.

Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.