Водата не е за по кафето, туку за пред првата голтка

Во многу земји од Балканот, со секое нарачано кафе речиси секогаш се добива и чаша вода. Повеќето луѓе ја пијат по последната голтка кафе или кога сакаат да ја изгаснат жедта. Но, во Италија, каде што кафето е дел од секојдневната култура, водата има сосема поинаква намена.

Во италијанските кафулиња, чашата вода што се служи со еспресото не е наменета да се испие по кафето. Познавачите на кафе советуваат таа да се испие пред првата голтка, бидејќи така непцето се прочистува и полесно ги препознава сите ароми и вкусови на кафето.

Главната цел на водата е да ги отстрани вкусовите што останале од храната, соковите, цигарите или другите пијалаци. На тој начин еспресото може целосно да го покаже својот мирис и вкус.

Во голем број италијански локали се служи газирана вода, бидејќи меурчињата поефикасно ги отстрануваат маснотиите и остатоците од храна во устата. Нејзината блага киселост дополнително ги освежува сетилата и овозможува поинтензивно доживување на кафето.

Љубителите на еспресо сметаат дека водата не треба да се пие по кафето, бидејќи така се губи пријатниот вкус што останува во устата по последната голтка.

Обичај што се развил за подобро да се почувствува вкусот на кафето

Овој начин на послужување потекнува од времето кога секое италијанско кафуле имало сопствена мешавина од зрна кафе и свој начин на печење.

Сопствениците сакале гостите да ги почувствуваат токму специфичните ароми што го издвојувале нивното кафе од останатите. Затоа чашата вода станала неизоставен дел од ритуалот на послужување.

Нејзината улога била да го „ресетира“ непцето пред дегустацијата, слично како што при дегустација на вина се користи вода или неутрална храна за прочистување на вкусот.

Иако газираната вода е многу популарна во Италија, дел од баристите и љубителите на кафе претпочитаат обична вода, сметајќи дека кај некои луѓе меурчињата можат благо да влијаат врз перцепцијата на вкусот.

Затоа низ различни делови на Италија ќе ви послужат или газирана или обична вода. Најважно е таа да биде неутрална и да ја исполни својата улога – да ги подготви сетилата за уживање во кафето.

Италијанците имаат и други правила за пиење кафе

Во Италија постојат и други непишани правила кога станува збор за кафето.

Капучиното, латето и другите млечни кафиња најчесто се пијат само наутро, обично со појадок. Во текот на денот најчестиот избор е еспресото.

Интересно е и тоа што кафето често е поевтино ако се испие стоејќи покрај шанкот, додека услугата на маса обично се наплаќа повеќе.

Тоа е дел од долгогодишната италијанска традиција, според која еспресото претставува кратка пауза во текот на денот, а не повод за долго седење во кафуле.

Токму затоа Италијанците кафето не го доживуваат само како пијалак што ги расонува, туку како секојдневен ритуал во кој секој детал – од чашата вода до последната голтка еспресо – има свое значење.