Победникот на изборите во Унгарија и иден премиер Петер Маѓар, одговарајќи на новинарски прашања, се осврна на случаи со странски политичари и порача дека земјата нема да биде прибежиште за лица обвинети за криминал.
Во тој контекст, тој го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски, оценувајќи дека Унгарија не смее да биде „депонија за странски криминалци“.
„Јасен сум по ова прашање. Унгарија нема да биде засолниште за странски криминалци, и тоа се однесува и на господинот Никола Груевски“, изјави Маѓар.
Тој нагласи дека очекува реципроцитет од другите европски држави, односно доколку кај нив има унгарски државјани осомничени за криминал, да бидат екстрадирани назад во Унгарија.
Маѓар се осврна и на поранешни полски функционери, порачувајќи дека доколку немаат што да кријат, треба да се вратат во својата земја и да се соочат со правдата, во спротивно најави можност за нивна екстрадиција.
