Исхраната може значително да влијае врз брзината на биолошкото стареење, дури и кај луѓето во раната зрелост. Ново истражување покажува дека честото консумирање брза храна, преработено месо и засладени газирани пијалаци, во комбинација со мал внес на овошје и зеленчук, е поврзано со побрзо стареење на организмот.
Стареењето е природен процес што не може целосно да се запре. Иако многу луѓе користат различни третмани, производи и методи за да ги зачуваат младешкиот изглед и виталноста, влијанието на секојдневната исхрана честопати се занемарува.
Одредени намирници можат да го забрзаат стареењето преку нивното влијание врз кожата, органите и целокупното здравје. Научниците предупредуваат дека консумирањето популарни, но нутритивно неквалитетни намирници може да има последици и кај младите луѓе, пренесува „Експрес“.
Во новата студија учествувале повеќе од 800 испитаници, а истражувачите ја анализирале поврзаноста меѓу квалитетот на исхраната и биолошкото стареење. Тим од фински универзитет утврдил дека исхраната богата со брза храна, преработено месо и газирани пијалаци, а сиромашна со овошје и зеленчук, може да доведе до забрзано биолошко стареење.
Спротивен резултат бил забележан кај испитаниците кои јаделе поголеми количества овошје и зеленчук, а го ограничувале внесот на преработено црвено месо.
За потребите на студијата, објавена во списанието „Clinical Nutrition“, биолошката возраст била мерена со таканаречени „епигенетски часовници“. Станува збор за алгоритми што можат да го проценат здравјето и очекуваниот животен век уште во раната младост, пред клинички да се појават болестите.
Претходните истражувања веќе ја поврзуваа неквалитетната исхрана со зголемен ризик од повеќе болести и здравствени состојби. Со анализирањето на учесници на возраст од 21 до 25 години, истражувачите сега утврдиле дека исхраната може да почне да влијае врз здравјето уште во раната зрелост.
„За да се спречат болестите, важно е да се истражи врската помеѓу исхраната и здравјето уште од рана возраст, пред да се појават клиничките знаци на болести поврзани со стареењето. Навиките во исхраната што подразбираат поголема консумација на овошје и зеленчук – а помал внес на месо, брза храна и пијалаци засладени со шеќер – се поврзани со побавно биолошко стареење. Спротивно на тоа, исхраната сиромашна со овошје и зеленчук, а богата со месо, брза храна и пијалаци засладени со шеќер, е поврзана со побрзо биолошко стареење“, објаснија авторите на студијата.
Суви Рави, една од авторките на истражувањето, посочи дека резултатите се совпаѓаат со наодите од претходни анализи.
„Наодите се во согласност со студиите спроведени на популации на средна и постара возраст, како и неколку студии што вклучуваат помлади лица“, рече Рави.
Во понатамошната анализа, истражувачкиот тим вклучил и дополнителни фактори, меѓу кои индексот на телесна маса, вкупниот внес на енергија, физичката активност, консумирањето алкохол и пушењето.
По вклучувањето на овие варијабли, поврзаноста меѓу начинот на исхрана и биолошкото стареење станала помалку изразена. Ова укажува дека фактори како редовната физичка активност можат делумно да ги компензираат последиците од лошата исхрана.
