Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, беше во минус од 0,5 отсто околу 7:00 часот, откако вчера го достигна највисокото ниво во последните три недели. На токиската берза индексот Никеи падна за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја се лизнаа меѓу 0,5 и 1,1 отсто. Во Шангај, пак, малку пораснаа.
Падот на повеќето азиски берзи е знак за забавување на закрепнувањето на регионалните економии од корона кризата и стравот на инвеститорите од заострување на монетарната политика. Јапонскиот Никеи порасна на самиот почеток на денешното тргување, но подоцна се лизна на негативна територија бидејќи беше објавено дека јапонскиот извоз пораснал за 9,4 отсто во октомври во однос на истиот период минатата година, што е негов најбавен раст во последните осум месеци.
Податоците од другите економии, исто така, покажуваат дека закрепнувањето го губи моментумот, додека инфлаторните притисоци се интензивираат на долг рок, што може да ги наведе централните банки да ја заострат монетарната политика порано од очекуваното.
Затоа, инвеститорите не беа импресионирани од вчерашниот раст на Волстрит, по податоците дека потрошувачката во трговијата на мало во САД во октомври пораснала за 1,7 отсто, повеќе од очекуваното, што покажува дека најголемата светска економија се уште солидно закрепнува од кризата со коронавирусот.
„Инвеститорите земаа здив бидејќи вестите покажуваат дека потрошувачката продолжува силно да расте, и покрај зголемените цени и прекините во синџирите на снабдување“, вели Брајан Јакобсен, стратег во Allspring Global Investments.
И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути се искачи на нови највисоки нивоа за 16 месеци. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 96,05 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 95,42 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 114,15 на 114,85 јени, што е највисоко ниво во последните четири и пол години.
Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1320 долари, ново најниско ниво од јули минатата година, додека вчера во овој момент беше 1,1380 долари. Зајакнувањето на доларот е резултат на силниот раст на трошоците во САД, што може дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ја натера ФЕД да ја заостри монетарната политика побрзо и поагресивно од очекуваното.
Челниците на ФЕД се поделени по тоа прашање.