Американскиот милијардер Илон Маск најави дека секое дете во Соединетите Американски Држави ќе добие по две акции од неговата компанија Спејс Икс, при што едната ќе биде обезбедена од самата фирма, а другата ќе ја подари тој лично од сопствениот удел.

„Секое дете во САД ќе добие две акции од Спејс Икс: една од компанијата и една од мене лично“, напиша Маск.

Оваа одлука претставува удвојување на неговото претходно ветување дадено во октомври, кога беше најавено доделување на по една акција за секое дете во текот на 2027 година. Според проценките на американското Биро за попис, во САД во моментов живеат околу 72 милиони деца помлади од 18 години, што значи дека вкупниот број на подарени акции ќе достигне приближно 144 милиони.

Според планот на Спејс Икс, ќе биде доделена по една новоиздадена акција од класата А на секоја активна штедна сметка во рамките на програмата „Трамп акаунтс“, која е создадена за долгорочно инвестирање за американските деца. Преносот на акциите од страна на фирмата треба да започне во декември годинава, додека личниот пакет од Маск се планира за јуни 2027 година поради законските рокови за отуѓување на неговите удели. Пазарната вредност на компанијата изнесува околу 1,8 билиони долари, а по цена од 127,44 долари по акција на берзата НАСДАК, вредноста на двете акции по дете достигнува околу 255 долари, што го прави целиот финансиски пакет вреден над 18,35 милијарди долари.