Бројот на активното население во Македонија во второто тримесечје од 2026 година е зголемен за 0,8 проценти во споредба со истиот период лани. Истовремено, бројот на невработените лица бележи пад од 1,5 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Активното население во земјава изнесува 798.718 лица. Од нив, 708.698 се вработени, додека 90.020 лица се невработени.

Стапката на активност во второто тримесечје изнесува 52,5 проценти, стапката на вработеност е 46,6 проценти, а стапката на невработеност изнесува 11,3 проценти.

Во структурата на невработените лица, мажите учествуваат со 63,6 проценти, додека жените со 36,4 проценти. Бројот на вработените лица, пак, е зголемен за 1 процент во однос на истиот период од минатата година.

Од вкупниот број вработени, 57,7 проценти се мажи, а 42,3 проценти се жени.

Во второто тримесечје од 2026 година е регистрирано и зголемување на неформалната вработеност. Бројот на неформално вработените лица достигнал 101.022, што претставува раст од 7,2 проценти во однос на претходното тримесечје.

Од ДЗС посочуваат дека најголем дел од зголемувањето на неформалната вработеност произлегува од земјоделството, шумарството и рибарството. Во овие дејности се евидентирани 51.487 неформално вработени лица, односно 51 процент од вкупната неформална вработеност.

Во градежништвото, пак, се концентрирани дополнителни 17,2 проценти од неформално вработените лица.

„Порастот во најголема мера произлегува од зголемениот број неформално вработени во дејноста земјоделство, шумарство и рибарство, каде се евидентирани 51 487 лица, или 51 отсто од вкупната неформална вработеност. Во градежништвото се концентрирани дополнителни 17,2 отсто од неформално вработените. Ваквата структура укажува дека сезонските активности во овие две дејности имаат клучно влијание врз кварталните движења на неформалната вработеност“, посочуваат од ДЗС.