Имаме принципиелни разговори и договор за настап на следните парламентарни избори и очекуваме понатаму како идна влада да функционираме врз основа на тој договор, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за коалицирањето со помалите партии дел од нив и од владината коалиција. Причината, според него, за соработката е фактот што тие препознале во програмата добри работи.
Коалиција ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ се уште ја нема официјализирано својата коалиција. Од поголемите политички партии во овој блок може да се издвојат само социјалистите. Тие ќе добијат две пратенички места. Едно место на добитна позиција ќе има за првиот човек на српската партија Иван Стоиљковиќ кој исто така е традиционален коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Во коалицијата пред избориве се приклучи Павле Трајанов со неговата Демократски сојуз но тој нема да добие пратеничко место. Стојанче Ангелов е следен. Оваа информација најпрво тој ја соопшти за Радио Лидер.
Англов од СДСМ се префрли во таборот на ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна на коалицијата и се врати ТМРО на Шехтански а таму се смести и Петар Богојевски со Македонски концепт. И Љубе Бошковски е на пат да се врати овде.
Коалиција СДСМ
Димитар Ковачевски објави дека социјалдемократите и нивните коалициските партнери го потпишаа договорот за соработка на изборите.
„Победничката проевропската коалиција по завршувањето на претстојните избори ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата“, вели Ковачевски.
СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА. Нивната коалиција ќе настапи под името „Коалицијата за европска иднина“.
Сите овие политички партии и досега без дел од власта. Пратенички места се очекува да добијат НСДП, ЛДП, ДОМ ако има добар резултат како и ВМРО-НП и Партијата на Турците
Коалиција Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски вчера потпиша своја коалиција. Му се приклучија Љупчо Ристовски од Интегра и Самка Ибраимовски од ПЦЕР. Реално немаат некои посериозни шанси за пратенички мандати.
И ГРОМ на Јакимовски влезе во коалиција со две партии. Во Храбро за Македонија влегуваат Интегра, чиј лидер Љупчо Ристовски ќе ја води листата во втората изборна единица, и ПЦЕР на Самка Ибраимовски. Тој пак ќе биде прв на листата во 5-ката.
Коалиција на ДУИ
Во Европскиот фронт предводен од ДУИ влезе и Демократската партија на Турците. Договорот потпишан од претседателите на партиите.
„Создадени се семејства, за тоа разговарав и со докторот. Една Албанка мажена за Турчин. Турчин женет со Албанка, и сега ќе се поделат, дали се со Бејџан или со Али. Сега ги обединивме и ги смиривме семејствата. Ние имаме само една разлика, сè друго е заедничко“, вели Али Ахмети.
Албанска опозиција
По информациите дека крилото на Зијадин Села може да коалицира со ДУИ, од опозициската коалиција ВРЕДИ велат Села и Кренар Лога смислиле евтино алиби зашто ќе одат спротивно од волјата на мнозинството Албанци.
„Арбен Таравари јавно им ги понуди печатите на Алијанса на Албанците ако навистина се определени за самостоен настап на изборите. Зијадин Села не се изјаснува за оваа понуда бидејќи знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во АА“, велат од ВРЕДИ.
Повеќе може да погледнете во продолжение.
Од крилото на Села одговараат. Печатите на Алијанса за Албанците не се индивидуална сопственост, уште помалку на оној кој го напушти својот политички дом, а што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО, а не со Алијансата за Албанците, велат од таму.